
Да се носат заштитни маски во здравствените установи и домовите за стари лица, но и да се забранат посетите во нив, се дел од препораките на Комисијата за заразни болести од денешниот редовен состанок, а во врска со периодот на интензивни респираторни инфекции. Претседателот на Комисијата, д-р Александар Петличковски, вели дека остануваат и препораките за совесно однесување, односно кога луѓето се болни, да носат маски, да избегнуваат гужви и затворен простор.
„По однос на состојбата со грип, моментално имаме зголемување на бројот на случаи споредено со минатата недела и споредено со просечниот број на случаи во изминатите 13 години. Влезени сме во сезоната на инфлуенца и повторно треба да размислуваме за заштита на најлесно повредливите луѓе, тоа се постарите луѓе над 64-годишна возраст, луѓето со хронични болести и нив ги повикуваме да се вакцинираат, има достапни вакцини за заштита“, вели Петличковски.
За појавата на два случаја на голема кашлица во земјава, д-р Петличковски вели дека остануваат само два пациента, од кои едниот е увезен, а апелираше до родителите да ги вакцинираат децата. Петличковски вели дека болничките капацитети се во форма и во моментов нема загрозување на општата јавна здравствена состојба. Посочи оти бројот на ковид-случаи е во опаѓање, а случаите со грип го надминуваат тој број. За три недели починаа шест лица по компликации од грип. Денеска починала 45-годишна жена со обезност, дијабетес, хипертензија и хронична белодробна болест.
„Бројката е шест. Тоа не е мала бројка, сите овие се невакцинирани луѓе, дел од нив во старосна група над 65 години, дел од 24 до 65 години, оттука и препораката за заштита на вунерабилните. Кај голем дел од нив придружни состојби има доста, затоа се и препораките за вакцинација, бидејќи тоа ни е најдобриот начин за заштита“, додава Петличковски.
Според Извештајот на Интитутот за јавно здравје, од 1 до 7 јануари се пријавени 1.025 случаи на заболени од грип или заболувања слични на грип. Бројката на заболени за наведениот период е за 2,5 пати повисока во споредба со претходната недела, а ако се земат предвид првите недели од последните 13 сезони, бројот е зголемен за 68.8%, само од минатата сезона зголемувањето е за 24,8%.
Ребека Спасова М-Нет