
И официјално, личните карти со називот „Република Македонија“ ќе важат за домашна употреба, одлучи Министерството за внатрешни работи. Оттаму велат дека поради неможност огромен број граѓани да си извадат нови лични документи со новото име на државата и огромните турканици пред пунктовите за вадење и земање на тие документи, е донесена одлука за важност на личните карти и по 12 февруари, до кога е официјалниот рок за замена.
„Цениме дека за домашна употреба и во рамки на границите на Република Северна Македонија, личната карта со називот на државата „Република Македонија“, а која има важност треба да продолжида важи и по 13.2.2024 година“, велат од МВР.
Сепак, во анкетата, којашто Телевизија М-Нет ја направи на терен, штипјани велат дека веќе ги замениле личните документи, па ваквата одлука е задоцнета. И покрај тоа сметаат дека рокот треба да се пролонгира, а документите да бидат важечки и покрај тоа што на нив стои името „Република Македонија“.
Премиерот Ковачевски најави дека се разгледуваат опциите за продолжување на рокот за промена на пасошите, а министерот за надворешни работи, Бујар Османи, се сретна со грчката амбасадорка во земјава, Софија Филипиду. Една од темите била имплементацијата на обврски од Преспанскиот договор, но нема информација дали конкретно се разговрало за пролонгирање на рокот за промена на документите.
Во меѓувреме, МВР заменило 1,2 милиони пасоши, но ако се земе предвид проценката дека има над 2,5 милиони државјани, речиси е сигурно дека не е можно сите да се променат во овој месец. Граѓаните ја поздравуваат иницијативата да се изнајде решение и да се даде дополнителен период од барем шест месеца за промена на пасошите.
Ребека Спасова М-Нет