
Одговорност за штетите причинети од кучињата скитници мора да има, потенцираа на прес – конференција од ОО на СДСМ Штип. Според нив, неуспешниот тендер и неспособноста на локалната самоуправа да се справи со проблемот, предизвикува секојдневни трауми кај граѓаните.
„Нападите од уличните кучиња станаа секојдневие на штипјани и на жителите
од речиси секое маало. Покрај пријавите на се почестите напади на каснати граѓани од кучиња, на медиумите и социјалните мрежи не запираат објавите поврзани со напади од кучиња-скитници. Го прашуваме градоначалникот Јорданов до каде е приватниот стационар за решавање на проблемот со кучињата скитници, кој го ветуваше во предизборитето? Додека тој не може да се договори со соодветна фирма околу тендерите, во Штип нема кој да ги заловува бездомните кучиња. Поради тоа, се почести се поплаките од граѓани и тужбите поради нападите од кучиња. Тоа претставува дополнителен одлив на пари од Буџетот за плаќање тужби наместо да се пренасочат тие средства кон подобрување на условите за заловување и чување на бездомните кучиња.“ – истакнаа од ОО на СДСМ Штип.
Според градоначалникот Јорданов, пак, станува збор за наследен проблем, а стационарот има забрана за згрижување токму поради неквалитетната изградба од страна на претходната локална власт.
„СДС коишто генерираа овој проблем најмалку треба да коментираат и да зборуваат, затоа што доколку парите на граѓаните, ги потрошиле за да направат стационар којшто ги исполнува основните стандарди за згрижување и третирање на бездомни кучиња, досега Општина Штип ќе имала стационар и ќе бил решен проблемот со бездомните кучира“, одговори Јорданов.
Како што додава Јорданов, парите се потрошени, а стационар нема и тоа треба да го истражи Основното јавно обвинителство. Дополни дека и овој проблем темелно ќе биде решен со цел хуман третман на кучињата и безбедност на граѓаните.
Ребека Спасова М-Нет