
На предупредувачки протест излегоа вработените во Македонска пошта во цела држава. Заради неисплата на февруарската плата во законски предвидениот рок, утринава во периодот од 8 до 10 часот се вршеа само итни услги кон граѓаните. Децидни се дека работодавачот иако има обврска да исплати плата до 15 во месецот, тоа го крши, со под знак прашалник се става егзистенцијата на семејствата кои се вработени во Пошта.
„Имајќи во предвид дека 80% од вработените во пошта се со просек на минимална плата, работодавачот и покрај тоа што има обврска да исплати плата во законски рок тоа до денес не се реализира. Со тоа раководството го прекрши елементарното право за исплата на плата. Но, не само тоа имајќи ја во предвид лошата финансиска состојба, револтот кај вработените е дотолку поголем од стравувањето дека во нареден период ќе има редовна исплата на плати“ – вели Велигденов.
Дополнителен проблем според синдикатот е распределбата на вработени, бидејќи нема поштари, а преголема е вработеноста во администрација и на шефовски позиции. Тоа дополнително го зголемува револтот кај вработените, и се појавува одлив на вработени.
„Се доведовме во ситуација да има недостиг од поштари на пример. Од друга страна имаме преоплни работни места во администрација и шефовски позиции. Ваквата состојба делува крајно демотивирачки кај вработените во Македонска Пошта и како резултат на тоа имаме огромен одлив на вработени. “ – додава Велигденов..
Синдикалните организации на Македонска Пошта ја повикува Владата да се задолжат за обезбедување финансиски средства за редовна исплата на плата, како и преземање на итни мерки за реформирање и реорганизирање на компанијата. Доколку не се исполнат барањата на вработените, најавуваат дека протестот ќе продолжи понатаму, а Синдикалните организации ќе отпочнат и постапка за организација на штрајк.
Лаура Стојанова М-Нет