Прво место за средношколците од Штип на конкурсот за еко филм во Скопје

Група од пет средношколци од Штип, кои учестуваа на конкурсот за еко филм, кој се спроведе во Скопје, се вратија со освоено прво место. Во рок од 72 часа учесниците имале можност да направат краткометражен филm на тема која ја избираат преку влечење. Од концепт преку снимање до целосна реализација на филмот, младите штипјани успеале да се вратат со освоено прво место.

„Ние учествувавме на натпревар кој траеше пет дена и од тие пет дена имавме 72 часа да снимиме краткометражен еколошки филм. Сето тоа беше во склоп на фестивалот “Cine days“, кој оваа година се одржува по 20. пат. Ние се пријавивме 5 луѓе од Штип, коишто претходно се познававме и имавме менторка, Станка Арсовска, којашто беше со нас бидејќи ние бевме доминантно малолетна група“, изјави Марија Велинова, учесничка.

Да се излезе од класичното и вообиченото бил главниот мотив на младите штипјани, кои преку апстрактно прикажување на краткометражниот филм успешно го завршија учеството на натпреварот.

„Мислам дека најважно од сè кај нас беше тоа што ние првобитно си имавме план по кој ќе работиме, по кој ќе се водиме и затоа секој нареден чекор не беше воопшто тежок и сè работевме на време. Јас бев во последната сцена од филмот и го глумев човекот којшто го пробува јаболкото и покажува дека не му се допаѓа. Производите на лик се убави, но на вкус и не толку. Сакавме да направиме нешто што не е класично, што не здодевно. Сакавме да направиме нешто помодернистички и поинтересно за пошироката јавност“, додаде Дарко Наковски, учесник.

Напорот и трудот исплатени, а штипските средношколци задоволни од завршената работа, заедничката комуникација и дружба.

„Јас бев повеќе задолжен за техничкиот дел, односно јас бев снимателот и монтажерот, но исто така учествував и во режијата, во смислувањето на концептот и во целосната реализација. Се соочив со некои потешкотии поради тоа што немавме професионална опрема. Но со тие можности испадна супер филм, па ја добивме првата награда“, истакна Мануел Трајчев, учесник.

Ова е прв пат средношколците од Штип да учествуваат на ваков вид натпревар, но овде не застанува нивната понатамошна дружба и, секако, учество на други натпревари и уште многу освоени награди.

Лаура Стојанова МНет