Прво коло во ПМФЛ: Шампионот Струга против освојувачот на Купот Тиквеш, Брера против Вардар!

ФОТО: Телевизија М Нет

Денес во просториите на Фудбалската федерација на Македонија се одржа ждребот за новата натпреварувачка сезона 2024/25 во Првата македонска фудбалска лига.

Како и во минатата сезона така и во новата сезона ќе настапуваат 12 екипи, последни две ќе испаднат директно, а екипата која сезоната ќе ја заврши на 10 место ќе игра бараж за опстанок со третопласираниот второлигаш. Во новата сезона дебитант е екипата на Беса од Добри Дол, а повратник во „елитата“ е Пелистер.

Во првото коло шампионот Струга ќе се соочи со Тиквеш, ждрепката посака во првото коло дерби на Беса и Шкендија во Гостивар, Работнички сезоната ја отвара дома против Силекс, Брера Струмица стартува од домашен терен против Вардар, Пелистер против Гостивар, а пак Шкупи на Чаир ќе ја пречека Воска Спорт.

Новата сезона во Првата лига ќе започне на 10. август, бранител на титулата е Струга, а во новата сезона ќе гледаме голема борба за првото место и излезот во Европа, а неизвеснот ќе има кога е во прашање и опстанокот во Првата лига.

Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар се враќа на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, каде вардарци ќе ги играат домашните натпревари.

Александар Ванев, М-Нет