
Прволигашот Тиквеш ги започна подготовките за пролетната полусезона во која тимот од Кавадарци ќе води борба за директен и сигурен опстанок во Првата лига. Актуелниот освојувач на Купот на Македонија предводен од стратегот Ѓорѓи Мојсов, за пролетниот дел се засили со Арби Воша кој доаѓа од Струга, потоа со Филип Купанов и Даниел Миловановиќ од Брера Струмица, а тимот го врати и Никола Најдовски од второлигашот Кожуф. Во следните денови Тиквеш ќе се засили со репрезентативец на Мавританија, а ќе пристигне играч и од Хрватска.
Подготовките ќе се одвиваат во Кавадарци, а тимот ги договори и пријателските натпревари. На 22. јануари Тиквеш ќе се тестира со Шкендија во Кавадарци, потоа на 25. јануари со Брегалница, на 29. јануари со Вардар Неготино, на 1. февруари меѓународен пријателски меч со Земун од Белград, на 5. февруари тест со Кожуф, а „генералката“ ќе биде во Кавадарци против Брера Струмица. Тиквеш презимува на 9. место на табелата со 14 бодови, а пролетната полусезона ја отвара против лидерот Силекс во Кратово.
Денес и второлигашите Беласица и Детонит Плачковица ќе ги започнат подготовките за пролетната полусезона. Во Струмица шефот на стручниот штаб Александар Стојанов го имаше првиот собир со фудбалерите во новата година, а нови засилувања во тимот ќе бидат повратникот Александар Коцев и Александар Богданоски, кој доаѓа од Кожуф, во следните денови се очекува уште едно до две засилувања.
Беласица за време на подготовките ќе се тестира со Шкендија, Вардар Неготино, Детонит Плачковица, со Струмска Слава од Бугарија, Кожуф, а пак „генералката“ ќе биде против Септември Симитли, меѓународен меч со екипата од Бугарија. Пролетниот дел Беласица го отвара дома против Арсими.
Денес на Градскиот стадион во Радовиш штипскиот стратег Горан Здравков во 12 часот го имаше собирот со играчите, а во 13 часот се одработи и првиот тренинг со тимот. Како што веќе информиравме тимот се раздели со неколку играчи, но пристигнаа неколку нови играчи.
Пријателските мечеви радовишани ги започнуваат на 18. јануари против Кожуф, ќе се тестираат и со Брера Струмица, Беласица, Осогово, со Вихрен Сандански во Бугарија, а „генералката“ ќе биде против прволигашот Силекс во Кратово. Пролетниот дел Детонит Плачковица го отвара против Новаци на гостински терен.
Александар Ванев, М-Нет