
Прволигашите продолжуваат со екипирање и подготовките за новата сезона. Повратникот во фудбалската елита на Македонија, Скопје, го назначи Муарем Муарем за нов тренер, кој доаѓа на местото на Александар Таневски.
37-годишниот стратег ќе ги предводи „пиратите“ од Автокоманда, кои се повратници во елитата, а испразнетото тренерско столче брзо беше решено со ангажман на Муарем.
Низ кариерата младиот стратег ги водеше Работнички, Гостивар и Башкими, а сега ќе има нов предизвик.
Прволигашот Арсими од Чегране се засили со дефанзивецот Фисник Зука, кој доаѓа од редовите на Башкими од Куманово. Станува збор за 30-годишен фудбалер кој покрај за Башкими, настапуваше и за екипите на Гостивар, Македонија ЃП, Ренова и Шкупи, а пак меѓународна кариера градеше во албанскиот фудбал настапувајќи за Фламуртари.
Двете страни се договорија за соработка од една година, а Зука по неколку понуди кои ги имаше како опција, ја избра понудата на Арсими. Во Првата македонска фудаблска лига, новото засилување на Арсими има 236 натпревари.
Новата сезона стартува на 25 јули, а Арсими истата ја отвара против Тиквеш во Кавадарци.
Александар Ванев, М-Нет