Прволигашот Беса пресилен за штипскиот второлигаш Брегалница, Михаилов: Ќе бидеме максимално подготвени за првенството!

ФОТО: ФК Беса

На Градскиот стадион во Гостивар прволигаш Беса и второлигашот Брегалница од Штип одиграа пријателски меч кој заврши со триумф за екипата на Беса од високи 4:1.

Резултатот е во втор план, тренерите ја проверуваат формата за тоа што ги очекува во рамки на првенствените натпревари.

Шефот на стручниот штаб на Беса, Горазд Михаилов, вели дека максимално подготвени ќе влезат за првенството.

„Со оглед на тоа дека се подготовки секако морам да бидам задоволен пред се од резултатот, од играта има уште некои моменти кои што треба да се подобрат, меѓутоа имаме уште две недели до почетокот на првенството и мислам дека ќе бидеме максимално подготвени. За натпреварот со Брегалница можам да кажам дека игравме во еден состав комбиниран каде што сите добија шанса и тоа е уште еден факт што ме радува и тоа што ајде да речам негативата од 0:1 успеавме да се вратиме и постигнавме четири голови и имавме уште неколку стопроцентни шанси кои не ги искористивме. Веќе се завршни припреми две недели до почетокот на првенството и нормално е да има замор кај играчите, меѓутоа тоа што ме радува дека максимално професионално го одработија натпреварот со Брегалница“, ни изјави Михаилов.

Беса главната фаза од подготовките ја реализираше во Охрид.

„Одигравме и таму два натпревари во кои што исто така забележавме победи и еве со натпреварот против Брегалница го заклучуваме овој подготвителен дел и веќе ни претстои уште еден контролен натпревар веќе во сабота против актуелниот шампион на Македонија, Струга Трим Лум, верувам дека сме подготвени и максимално желни го очекуваме стартот на шампионатот“, додава Михаилов.

Екипата на Беса во пролетниот дел од Првата лига предводена од икусниот стратег Горазд Михаилов ќе води борба за директен и сигурен опстанок, додека пак Брегалница ќе води борба за експресно враќање во Првата лига, откако минатата сезона испадна од фудбалската елита на Македонија.

Александар Ванев, М-Нет