
Македонските прволигаши и второлигаши влегуваат во последната фаза од зимските подготовките за вториот дел од сезоната.
Пред нив претстојат одигрување на „генералките“ што ќе биде последен тест за проверка на формата пред почетокот на пролетната полусезона. Во Втората лига ќе гледаме неизвесна пролетна борба како за горниот така и за долниот дел од табелата.
Неколку екипи ќе ја водат борбата за влез во Првата лига, како лидерот Македонија ЃП, Брегалница која е втора, Башкими кој е трет, тука ќе се вмеша и Арсими кој заврши на 4. место, како и тимот на Детонит Плачковица кој од сенка ќе сака да изненади за нов бараж за влез во Првата лига.
Во однос на долниот дел од табелата повеќе екипи се загрозени кога е во прашање опстанокот. Речиси сигурно е дека ќе гледаме реприза на ланската сезона кога до последното коло не се знаеше кои екипи ќе испаднат во Трета лига. Сега таа пролетна борба за опстанок ќе ја водат Вардарски, Борец, Осогово, Вардар Неготино, како и прилепска Победа која лани преку бараж се спаси и остана во Втората лига.
Слична пролетна борба ќе имаме и во Првата лига, таму лидерот Силекс, Шкендија, Работнички, Гостивар и актуелниот шампион Струга Трим Лум ќе ја водат борбата која екипа да биде шампион и обезбедување на „виза“ за излез во Европа, од пет екипи две ќе извисат за излезот во Европа.
Кога е во прашање опстанокот тука ќе биде вистинска неизвесност, Воска Спорт, Вардар, Беса, Тиквеш ќе водат борба за опстанок, а во овој сегмент загрозена е и Брера Струмица која ќе настапи во изменет лик со млади играчи.
Пролетната полусезона во Втората лига започнува на 15. февруари, а ден подоцна односно на 16. февруари ќе стартува пролетниот дел и во Првата лига.
Александар Ванев, М-Нет