Првиот круг во Прва лига комплетиран: Шкендија е прва, Тиквеш има одлична сезона, Брегалница со десет бода

ФОТО: ФК Брегалница

Првиот круг на Првата македонска фудбалска лига затворен, викендот со мечевите од 10. коло стартува вториот круг.

По првиот круг Шкендија има 20 бодови на своето конто со форма од шест победи, две ремија и еден пораз, а веднаш зад вицешампионот од Тетово со по 17 бодови е Струга Трим Лум и шампионот Вардар, двете екипи имаат форма од пет победи, две ремија и два порази.

Тиквеш игра во одлична форма и со 16 бодови котира на високото четврто место, а одлично игра и дебитантот Шкендија Арачиново, тимот има 14 бодови за петто место по првиот круг.

Силекс не игра според формата од минатата сезона и по првиот круг прволигашот од Кравото има две победи, четири ремија и три порази и со десет бодови е на шестото место, колку што има и Брегалница, штипјани со три побед, едно реми и пет порази го делат шестото место со Силекс.

Во бараж зоната е Арсими со девет бодови, а во зоната за директно испаѓање е Башкими како претпоследен со седум бодови и Скопје кој е на дното со три бода.

По првиот круг само Скопје нема победа, а Шкендија има шест, од друга страна Башкими и Скопје имаат најмногу порази, вкупно шест, а пак Шкендија од Тетово и Тиквеш имаат по еден пораз.

Најдобар напад има тимот од Тетово со 21 гол, а најдобри одбрани имаат Струга и Тиквеш со примени седум гола. Најлош напад има Скопје кој на девет меча постигнал четири гола, а најлоша одбрана има Башкими, кој на девет меча примил дури 26 гола.

Александар Ванев, М-Нет