Прва лига почнува со „вечното дерби“, соочување на Башкими и Арсими уште во првото коло!

Следниот викенд стартува 34. издание на Првата македонска фудбалска лига со натпреварите од првото коло.

Стартот на новата сезона 2025/2026 го носи и „вечното дерби“ на Вардар и Пелистер, а првото воведно коло го носи и дербито на ланските второлигаши Башкими и Арсими.

Актуелниот шампион Шкендија одбраната на титулата ја започнува на домашен терен, походот кон нова титула ќе стартува од Тетово против Шкупи. Во Кратово екипата на Силекс ќе го пречека тимот на Брера Струмица.

Поранешниот шампион Струга Трим Лум на домашен терен ќе игра против повратникот во елитата екипата на Македонија ЃП, додека пак во Кавадарци ќе се соочат Тиквеш и Работнички.

Поради кратењето на лигата од елитата испаѓаат дури три екипи директно во Втора лига, а тоа ќе биде последните три позиции, односно екипите на 12-тото, 11-тото и 10-тото место, а пак екипите кои ќе бидат на 9-тото и 8-тото место ќе играат бараж за опстанок.

Арсими е дебитант во лигата, ќе игра по првпат во Првата македонска фудбалска лига, а пак Шкендија ќе ја брани титулата.

Башкими по 17 години се врати во Првата лига, а пак Македонија ЃП по една сезона експресно се врати во елитата. Во новата сезона ќе настапат седум шампиони.

Александар Ванев, М-Нет