Првата лубеница по 70 денари за кило, домашната ќе пристигне околу Петровден

Првата лубеница и по 70 денари за килограм на штипскиот пазар. Земјоделците велат сочна е, блага и веќе барана од купувачите. Но, за штипската лубеница ќе треба уште малку трпение. Производителите од штипско Лесковица очекуваат првите домашни лубеници да пристигнат околу Петровден. Лубениците што моментално се на тезгите се од Гевгелија и се произведени под фолија, што им овозможува порано да стигнат до пазарите. Земјоделците додаваат дека се ќе зависи од временските услови во периодот што следува.

,,Бостано е 70 днеаир, дињата 80. Уште е рано, некаде околу петровден треба да пристигне првата лубеница или неколку дена пред Илинден.“, велат земјоделците

Лубеницата бара многу сонце и вода, велат производителите. За да се заштити родот, посочуваат дека редовно се применува и заштитно прскање. Во спротивно, велат, штетниците можат да го уништат родот и да ја намалат бербата.

,,Бара и топлина и сонце и вода. Прска се обавезно, ако не се испрска го фака мушица и нема да тера.“, додаваат земјоделците

Додека првите лубеници веќе се продаваат, штипските производители сè уште чекаат. Од времето и грижата на нивите ќе зависи дали годинава ќе има изобилен и квалитетен род. Сезоната е отворена, но најдоброто допрва се очекува.

Иван Митев, М-Нет