Празни до пладне останаа денеска тезгите на штипскиот пазар, пазарџиите најмногу купуваа краставица и зелка

Празни до пладне останаа тезгите на пазарот во Штип, пазарџиите купуваа на големо. Најбарани овој петок беа зелката, краставицата и пиперот, кој се среќаваа со пониски цени од првомајските. Иако намалувањето беше забележително, сепак за дел граѓани цените остануваат скапи, а за дел пак реални. Велат дека мора да се јаде, без оглед на цените.

Продавачи од Струмичко за М-Нет телевизија тврдат дека денеска штипјани за цена не прашуваат и купуваат што им сака душа. Најверојатно, според нив, новите примања се добредојдени.

Инаку, дополнително денеска се продаваше и домашен чај, набран од Плчакоица, а веднаш потоа зачини, свежи јајца, млад кромид, марула и изобилие на овошје, како банани, јаболка, портокали и мандарини.

Иван Митев, М-Нет