По 30 дневниот пост, муслиманите во штипската џамија го почнаа празнувањето на празникот Рамазан Бајрам

После 30 дневниот пост, муслиманите со изреката Среќен Бајрам од утринава го навестија празникот Рамазан Бајрам, познат уште како шеќер Бајрам. Со утринска молитва уште од рани зори, одење на гробовите на покојните, а накрај посета на повозрасните, почна одбележувањето. Ефенди Ердован Шабановски, од штипската џамија пред камерите на М-Нет телевија го честита празникот на сите муслимани, посакувајќи многу здраве, среќа и мир.

,,После постите кои што ни следеа 30 дена, дојде и вистинската ден, кога треба да се празнува. Овие бајрамски денови, не се денови за одмор, туку се денови кога ние треба да ги доживееме моментите кои што сме ги научиле за време на Рамазан, а тоа се да споделуваме, да празнуваме заедно со нашите пријатели, а не да остануваме во своите домови и да ги поминуваме во самица. Сите празници да се поминуваат во заедницата, треба да си честитаме едни на други. Живееме во мултиетничка околина и треба сите празници да ги почитувале, без разлика дали тоа е Бајрам или тоа е еве ќе дојде и Велигден, треба да бидеме сплотени едни со други. Денеска ние почнавме со молитвите во 5 часот, завршивме со молитвата, а потоа ни следеше бајрамската молитва, каде што имаше огромен број луѓе.“, вели Шабановски

На џамија на овој ден одат само мажи, вели Шабановски, кои со своите деца се молат за своите семејства. Додаде дека најважен дел е по молитвата, да се отиде кај постарите и да се побара прошка, бидејќи како што вели тоа е вистинската смисла на празникот.

,,Во молитвата дојдоа само машки, со своите деца, сите бевме сплотени, имаше огромен број. Денеска разликата од другите бајрами е тоа дека денеска е петок, а тоа е свет ден. Денеска имаме две молитви, едната ја поминавме утрово, а потоа ни следува петочната молитва во 12 часот. За обичаите, тоа се веднаш после молитвата, потоа се оди нагости кај постарите, а тоа е најважниот дел од овој празник. Ако е се оди кај постарите и да се побара прошка, тогаш се ни е бадијала.“, додава Шабановски

Инаку, Рамазан Бајрам трае три дена еден по друг, започнувајки од денеска. На денешното одбележување, во џамијата во штип, пристигна и претставник од Р.Турција, кој заедно со верниците го почнаа празнувањето.

Иван Митев, М-Нет