
Од денеска почна собирањето на потписи за претседателска кандидатура. Кандидатите кои сакаат да влезат во претседателската трка имаат рок до 8ми март да соберат 10.000 потписи и да си обезбедат место на гласачкото ливче.
Собирањето потписи започна и во подрачната единици за ДИК во Општина Штип каде граѓаните може да го остават својот потпис.
Девет кандидати ќе се борат за претседателскиот мандат на пролетните избори, Пријавени се поголем број на кандидати од последните избори пред 5 години, кога седум кандидати се бореа за претседателското столче.
На изборното ливче повторно ќе се најде двојката Стево Пендаровски, актуелен претседател, предлог на СДСМ и професорката Гордана Силјановска Давкова, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ. Градоначалниците Стевчо Јакимовски од Гром и Максим Димитриевски од Знам, Арбен Таравари ја доби поддршката на албанската опозиција, а ДУИ го предложи нивниот министер за надворешни работи Бујар Османи. Левица ја кандидираше професорката Билјана Ванковска, доктор Вело Марковски ќе собира потписи како независен кандидат, а свој претставник ќе има и Бошњачкиот демократски сојуз, чиј кандидат е Мерсиха Смаиловиќ.
Кога подносител на листа на кандидат за претседател е група избирачи, потребно е да се соберат најмалку 10.000 потписи од запишаните избирачи, а партиите треба да достават најмалку 30 потписи од пратениците до ДИК.
Лаура Стојанова М-Нет