Почна сеидбата на тутунот во Овче Поле, Фимкова и Алексова од Лозово рачно садат тутун

Рачна количка, мотика и сад за вода, вака Божурка Фимкова и Сузана Алексова од Лозово садат тутун. Пред камерите на М-Нет телевизија велат дека со децении наназад се занимаваат со земјоделство и сточарство и на тој начин егзистираат. Сега покрај врнежите од дожд додаваат дека условите се идеални за да се засади тутунот. Радува фактот што годинава имало добар квалитет, ама и добра откупна цена.

„Сега претежно тука со тутунарство се занимаваме, земјоделие, сточарство, крави. Еве сега врна малку и тргнавме да садиме тутун. Садеме рачно, некогаш одиме пешки, некогаш со трактор.“ – вели Фимкова.

„Со земјоделие се занимаваме, јас сум сама дома и малку садам. Ова е тутунот кој денеска ќе го засадиме, толку можеме, со колче садиме, со мотика правеме си редови“ – вели Алексова.

Семејството Фимкови се занимаваат и со одгледување на крави. Произведуваат млеко и се задоволни од откупната цена. Со земјоделството и сточарството велат има пари колку за еден нормален живот.

„Имаме и 20 крави, млеко. Не се многу луѓе кои одгледуваат крави, има двајца или тројца. Сега е добра цената и со млекото“ – додава Фимкова.

Претходната година цената на тутунот достигнала и до 300 денари во зависност од квалитетот. Ако и оваа година цената е добра, тогаш тутун ќе има и ќе се произведува.

Лаура Стојанова М-Нет