Неправилно паркирано возило пред Основен Суд Штип, полицијата на терен

Паркирани автомобили на тротоари, на самите улици или неправилно на обележан паркинг простор. Ваквата слика секојдневно ги вознемирува граѓаните во Штип. Утринава реагираа на паркиран автомобил пред Основниот Суд во Штип. Велат дека ова е само еден во низата неправилно паркирани автомобили кои создаваат допонителен метеж во сообраќајот, и проблем со пронаоѓањето слободно паркинг место.

Полни со казни секојдневно се и билтените на СВР Штип. Покрај казните за брзо возење, делумно висока е и бројката на казни кои се напишани за непрописно паркирање.

Од СВР Штип конкретно за овој случај истакнаа дека веднаш екипи излегле на лице место и реагирале. Повторно апелираат до граѓаните и до сите учесници во сообраќајот да бидат совесни со цел да не се создаваат слики како денешната.

„СВР Штип апелира до сите граѓани, пред сѐ до учесниците во сообраќајот да бидат совесни и внимателни. Своите возила да ги паркираат на обележано паркинг место и да не се создава непотребна гужва и метеж во централното градско подрачје. Екипи на СВР Штип се на терен и ги регулираат сите неправилности“ – посочија од полицијата.

Казната за непрописно паркирање е 45 евра во денарска противвредност, но цели 250 евра ако возиото е паркирано во близина на пешачки премин или крстосница.

Лаура Стојанова М-Нет