
Комисијата за натпреварување на Фудбалската федерација на Македонија за во понеделник, 5. август во просториите на „Куќата на фудбалот“ со почеток во 13:00 часот го закажа извлекување на паровите за новата натпреварувачка сезона 2024/2025 во Втората македонска фудбалска лига.
По извлекувањето на ждрепката ќе биде познат целиот распоред за новата сезона во Втората македонска фудбалска лига.
Во новата сезона како и во ланската ќе се натпреваруваат 16 екипи, последните две ќе испаднат директно во Трета лига, а пак екипа која ќе заврши на 14. место ќе игра бараж за опстанок со еден од петте шампиони во Трета лига.
Првите две екипи директно ќе патуваат во Првата македонска фудбалска лига, додека пак третопласираната екипа ќе игра бараж со десеттопласираната екипа од Првата лига за влез во фудбалската елита на Македонија.
Минатата сезона Беса стана шампион и за првпат ќе игра во Првата лига, додека пак Пелистер беше втор и се врати во Првата лига. Детонит Плачковица беше трет и играше бараж со Вардар, но загуби и остана во Втората лига, а Вардар опстана во елитата.
Од Втора лига минатата сезона испаднаа Караорман и Тетекс, а пак Победа играше бараж за опстанок со шампионот во Трета лига – Север, екипата на Куманово, каде прилепчани се изборија за опстанок откако триумфираа над третолигашот со 2:1, натпревар кој можевте да го следите во живо на телевизија М Нет.
Нови членови на Втората лига се Борец кој експресно се врати и Вардарски од Богданци кој по 27 години одново стана второлигаш.
Александар Ванев, М-Нет