
На ден 10.04.2025 година Комисијата за спречување и заштита од дискриминација донесе Решение/ Мислење дека на адвокат му е сторена директна дискриминација со тоа што не му било дозволено во име и за сметка на неговата мајка да ја продолжи пензионерската карта за ЈСП Скопје. Како што се наведува во самото Решение, службеници на ЈСП Скопје барале мајката на адвокатот самата да дојде во билетарата и лично да ја продолжи картата. На одговор на адвокатот дека ја боли ногата му рекле дека мора да приложи нотарско заверено полномошно како би можел да постапи пред нив. Адвокатот на ова укажал дека има законско право самиот да го завери ова полномошно и дека не му е потребна нотарска заверка. Постапката продолжува пред Комисијата која по разгледувањето на сите факти и околности констатирала дека кон Адвокатот е сторена директна дискриминација со тоа што не било постапено според законските надлежности на адвокатот кои ги има во Законот за адвокатурата. Комисијата укажува на тоа да им се овозможи на сите адвокати и адвокатки без пречки да постапуваат пред ЈСП Скопје за било какви постапки.
По однос на пристапот до просторијата за заверка на пензионерските билети, наведено е дека има проблем со пристапот до таму, со тоа што мора да се симнат постари лица и лица со попреченост по скали без лифт или рампа, нема покрив над местото за чекање, има изложеност на дожд, сонце, снег, слана и други временски услови. Комисијата го задолжи ЈСП Скопје на свој трошок да обезбеди целосно пристапна канцеларија во која сите граѓани ќе можат да пристапат и да го остварат своето право на превоз. Грубото однесување кон адвокатот “ Мајка ти сама треба да дојде, ти нема што да бараш овде” најдиректно го загрозува човечкото однесување кое сите ние треба да го имаме. На овој начин, дури и да има син / ќерка адвокат, според овие службенички тоа е неважно. Она кое е важно е да ги изложат старите лица на суровите зимски услови во кои добро ќе се измачат да дојдат дури и кога објективно се спречени поради болест или повреда. Непризнавањето на адвокатското полномошно “без нотарска заверка “ директно ги става адвокатите во нерамноправна положба во вршењето на своите законски надлежности. Уште повеќе, во услови на новогодишните празници кога најголемиот дел од нотарите ги имаа споено празничните денови, адвокатското полномошно е она кое ја надополнува оваа празнина и им дава на граѓаните можност брзо да ја завршат работата без поголеми формалности. Дури и кога се во својство на родители на некој адвокат или адвокатка. Од тие причини ова Решение на Комисијата е многу значајно за идното постапување не само на споменатите службеници на ЈСП Скопје туку и на сите други државни и јавни служби и јавни претпријатија. Ова им дава можност на адвокатите во секое време без оглед дали нотарите работат или не, да им помогнат на граѓаните со цел да ги остварат своите права и слободи.
