Постапката за парцелата кај т.н. „печурки“ во Штип е во завршна фаза

Во завршна фаза е постапката за поделба на парцелата кај т.н. „печурки“ во Штип. Како што и претходно беше посочено, на ова место ќе бидат издвоени две парцели, од кои едната ќе остане со истата намена како и досега, а другата ќе биде со намена за изградба на станбено-деловен објект.

„Во врска со постапката за изградбата на оваа локација, може да истакнеме дека постапката се наоѓа во завршна фаза, што значи дека набрзо очекуваме на оваа градежна парцела да се издвојат две парцели, со што ќе се овозможат услови едната половина да остане и да биде понудена со намена на типски објекти, урбана опрема коишто постојат и денес. За другиот дел од парцелата да се овозможи реализација на постоечкиот урбанистички план, со што ќе може да се изгради објект со станбено-деловна намена“, истакна Лазар Хаџи Николов од Одделението за урбанизам при Општина Штип.

Комплексот „печурки“ кој располага повеќе од 70 типски монтажни киосци кои служат за егзистенција на голем број трговци и занаетчии. Хаџи Николов вели дека овој простор ќе остане за истата намена, само што киосците ќе бидат унифицирани и просторот ќе биде хортикултурно уреден од страна на Општината.

„Половината од градежната парцела која ќе биде со намена за типски објекти, ќе биде хортикултурно уредена од страна на Општината со што и ќе се овозможи еден современ и унифициран лик на оваа локација, и во иднина да ја задржи истата намена како што функционирала и до овој момент“, додава Хаџи Николов.

Проблемот со печурките во штипска Автокоманда се актуелизираше минатата година кога на сопствениците им пристигаа опомени за отстранување на објектите од јавна површина. Тогаш преку протест и средба со градоначалникот тие бараа решение.

Ребека Спасова М-Нет