Штипската болница ќе набави нови апарати, од неодамна во функција се и трите витални

Апарат за ендоскопија, окуларна компјутерска томографија, апаратура и инструменти за Одделот за хируршки болести и два апарата за кожни болести се најважната опрема која Клиничка болница – Штип ќе ја набави во текот на оваа година. Набавките се согласно со новиот План за јавни набавки, а една од придобивките, според директорот, д-р Ален Георгијев, е тоа што промените на окото кај луѓето со дијабетес ќе може да се дијагностицираат и третираат со модерни препарати во Штип, наместо пацијентите да се препраќаат во Скопје.

„За оваа година предвидовме неколку апарати коишто ние како Клиничка болница ќе ги купиме. Прва работа, планираме да набавиме апарат за ендоскопија, значи, за правење гастроскопија и колоноскопија. Во скоро време добивме уште еден специјалист гастроентерохепатолог, за некој месец ќе добиеме уште еден, така што покрај постоечкиот апарат, ќе набавиме уште еден за да може да го зголемиме бројо на интервенции. Во план ни е да направиме уште еден апарат за околарна компјутерска томографија“, истакна Георгијев.

Од неодамна, односно пред два месеца, ставени во функција беа и апаратите за комјутерска томографија и магнетна резонанца. Истите беа вон функција извесен период и беа на сервис кој чинеше околу 20 милиони денари, пари коишто КБ Штип ги доби од Фондот за здравство.

„Да, ставен е многу одамна во функција, се смени цевката. Успеавме во рок од два месеца да ги поправиме трите најскапи апарати кои не беа во функција: апаратот за ангиографија и компјутерска томографија и апаратот за магнетна резонанца. Нивната севкупност на чинење беше околу 20 милиони денари. Добивме средства со Фондот за здравство и успеваме да ги замениме сите три: и цевката, и ладната глава на магнетот, и цевката на апаратот за ангиографија. Значи, сите три апарати се во функција“, додава Георгијев.

Освен за набавка на нови, Клиничката болница ќе издвои средства и за тековно одржување на дел од апаратите, како на пример ехо-апаратите на одделите за гинекологија и кардиологија. Со ова, според Георгијев, ќе се подобрат здравствените услуги во Штипската болница и пациентите за дел од услугите нема да мора да патуваат до главниот град.

Ребека Спасова М-Нет