Последно коло од регуларниот дел на ракометната Супер лига: Кој ќе биде последниот патник во плеј-офот?

ФОТО: Александар Ванев, М-Нет

Утре се отвара последното коло од регуларниот дел на ракометната Супер лига, 22. коло ќе биде важно само за една работа – кој ќе биде последниот патник во плеј-офот.

Бутел, Еурофарм Пелистер 2 или пак Прилеп ќе биде последната екипа која ќе обезбеди место во плеј-офот.

Прилеп веќе утре на домашен терен ќе игра против „фенерџијата“ Радовиш и повеќе од јасно е дека Прилеп овој меч го добива, но потоа ќе го чека расплетот од останатите натпревари. Шампионот Еурофарм Пелистер како апсолутен фаворит ќе игра против Куманово, а овој меч е договорено наместо во Куманово да се одигра во Битола.

Во сабота ќе има два меча – дерби меѓу Бутел и Тиквеш, битката на скопскиот тим за влез во плеј-офот. Гостинот од Кавадарци е растеретен откако го обезбеди местото во плеј-офот, па ќе нема резултатски притисок и тоа може да биде предност за Бутел кој игра и на домашен терен да дојде до триумф и во таков случај сам ќе решава дали ќе игра во плеј-офот.

Еурофарм Пелистер 2 на домашен терен ќе има лесна задача против Струга и сигурно е дека и битолчани ќе триумфираат.

Колото се затвара дури во вторник со мечот меѓу Пролет и Охрид кој се игра подоцна бидејќи охриѓани викендот го играат реваншот од ЕХФ Купот проти Дукла Прага во Чешка.

Што значи дека Бутел сам зависи за место во плеј-офот, ако победи тогаш го потврдува влезот во плеј-оф сегментот, ако загуби тогаш се отвара простор за конкурентите, во таков сучај Еурофарм Пелистер 2 би бил во плеј-офот, но тука има многу комбинации и околу евентуални нерешени резултати, што значи дека во сабота ќе биде јасно која екипа ќе се приклучи на Тиквеш, Алкалоид, Охрид, Еурофарм Пелистер и Вардар во плеј-офот, а кои две екипи ќе извисат и ќе се приклучат на Пролет, Куманово, Струга и Радовиш во плеј-аут сегментот каде се разигрува за опстанок.

Александар Ванев, М-Нет