
Едвај во селата Ѕвегор и Оризари се уште се слушаат ѕвонците на суроварите и џамаларите. Во штипско сурова и џамала одамна нема. Наместо маски и ѕвонци, останаа спомени и фотографии од минатото. Неколку групи, броени на прсти, едвај се обидуваат да ја сочуваат обредната игра од целосно исчезнување, со цел да се изгонат злите сили од куќите и дворовите. Ги прашавме граѓаните дали оваа традиција заслужува да се врати или веќе и е истечено времето.
Овој обичај секогаш се практикувал ноќта спрема празникот Василица. Група момчиња, се преправале во она што е спротивно од нивниот лик. Се преправале во мечки, невести, свештеници или слично. Околу појасот ределе ѕвонци најмалку по пет и оделе од куќа в куќа за да ги изгонат нечистите сили. Во дворот на домаките се играло џамаларско оро, под ритам на ѕвонците и така ја благословувале куќата. Се пееле стари обредни песни, наречени суроварски, наменети за членовите од семејството. Домакинот за тоа ги дарувал со маст, грав, ориз, компир, месо и што му се нашло дома. Интересен е фактот што порано две групи суровари не смееле да се пресретнат во селото. Се верувало дека на тој начин нема да се случи благословот во секој еден дом. Утредента, кај еден од суроварите се готвела целата храна што ја добиле од домакините, се пеело се играло и достојно се одбележувал празникот.
Иван Митев, М-Нет