
Активностите по повод Светскиот ден на лицата со попречености не треба да останат само за тој ден. Ова беше заклучено при посетата на Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, во институциите и организациите кои работат со лица со попреченост. Инклузивноста на овие лица сѐ уште нема досегнато високо ниво, меѓутоа Јорданов напомена дека нивна обврска е да не застанат овде.
„Во име на Меѓународниот ден на лица со попреченост доставивме во секоја институција ваучер, една скромна поддршка на сите институции на територија на Општина Штип, но тоа не значи дека само на вакви денови треба да соработуваме. Се надевам дека во наредниот период ќе имаме почести соработки, поддршка на сите институции кои работат со лица со попреченост затоа што тоа е наша општествена одговорсност“ – кажа Јорданов.
Директорот на ДСУ „Искра“, Тоше Петрушев, упати благодарност до сите оние кои даваат поддршка на нивните ученици со атипичен развој. Меѓутоа, додаде тој, таквите попречености не треба да ја условуваат нивната вклученост во секој сегмент од животот.
„И покрај тоа што ние сме државно училиште, благодарност до Локалната самоуправа и покрај тоа што тоа не е нивна обврска во секој случај со ваучерот ќе земеме некои работи со кои ќе се подобри животот и работата во училиштето„ – додаде Петрушев.
ДСУ „Искра“ е едно од двете училишта за ученици со посебни образовни потреби. Освен ова, уште едно има и во Скопје. Училиштето во Штип има капацитет за 47 ученици, а ги опфаќа лицата од југоисточниот дел на државата, иако има и неколку од западните делови.
Според претпоставките на Светската здравствена организација, околу 15% од светската популација се соочува со некаков вид на попреченост. „Попреченоста не е избор, но инклузијата е.“ е мотото под кое Меѓународниот ден на лица со попречености се одбележува од 1992 година со цел подигнување на свеста за правата на овие лица.
Ребека Спасова М-Нет