Посета на планината Ртањ е најновата понуда на Туристичката агенција „Црво експрес“

Посета на планината Ртањ за која се верува дека шири магнетни полиња добри за човековото здравје. Место кое се уште не е доволно истражено и допрва ќе се слуша за него. Ова е најновата понуда на Туристичката агенција „Црво експрес“. Станува збор за еднодневно патување кое на оние кои ќе се одлучат за него ќе им овозможи да бидат меѓу првите кои го посетиле ова место.

„Во моментот имаме една интересна и уникатна програма којашто се изведува првпат во рамките на сите туристички агенции во Македонија. Се работи за едно ново, досега неистражено место во Република Србија, каде што одиме да ја посетиме планината Ртањ. Тоа е планина којашто со своите магични и мистични полиња привлекува многу туристи и допрва ќе стане една многу добра и позната туристичка атракција и дестинација. Ги посетуваме магнетните полиња и целата мистерија ја откриваме. Посетуваме и еден од преубавите манастири во Србија, манастирот Лешје посветен на Пресвета Богородица во склоп на градот Ниш и центарот на Ниш“, вели Митрев.

Голем интерес има и за одбележувањето на 8 Март. По овој повод Туристичката агенција организира патување во Лесковац, како и посета на повеќе градови во Италија. Овие две програми стандардно привлекуваат многумина.

„Една традиционална програма којашто ја организираме со години наназад е програмата за Лесковац со свечен ручек. Со една програма ги имаме опфатено повеќето делови на Италија, насловена е „Убавините на Италија“. Одиме во посета на Венеција, Верона, Трст и многу познати градови во Италија“, додава Митрев.

В недела, на 25 февруари, ќе патуваат сите оние кои ќе се одлучат за посета на планината Ртањ, манастирот Лешје и Ниш. Посетата на Лесковац е на 10 март, а тргнувањето за Италија е на 29 февруари и оваа посета трае до 3 март.

Ребека Спасова М-Нет