
Викендот на програмата се натпреварите од 17. коло од Третата македонска фудбалска лига – Исток, а фокусот на фудбалската јавност ќе биде во Берово, каде се игра „Пијанечко-малешевското“ дерби помеѓу екипите на Малеш и Брегалница од Делчево.
Градскиот стадион во Берово со сигурност ќе биде полн со навивачи на двата клуба, како и со публика која го сака фудбалот и која ужива во истиот.
Двете екипи максимално се подготвуваат за неделното соочување, а исто така, се подготвуваат и навивачите. Минатиот викенд на Градскиот стадион во Делчево, верните „Арамии“ покажаа како изгледа вип ложата во нивен стил, останува да видиме како ќе изгледа вип ложата во Берово.
Во заеднички разговор на двајцата поранешниот голмани, Горан Димовски на Брегалница од Делчево и Новица Печински на Малеш од Берово, повикуваат навивачите заедно, братски и сплотени со заедничка дружба да навиваат фер и коректно на трибините.
„Ги повикуваме сите љубители на фудбалот во Пијанечко-малешкиот крај, да дојдат и да го проследат заедно дербито во Трета лига – Исток, братски и сплотени со заедничка дружба на трибините, како што доликува со фер и коректно навивање, да го поддржат својот клуб и нека победи подобриот.“
Натпреварот се игра на Градскиот стадион во Берово со почеток од 15 часот.