Поради злоупотреба на боледување Општина Штип отпушти вработен, од ОК ВМРО-ДПМНЕ велат причината е партиски реваншизам

Претседателката на Унија на жени при ОК на ВМРО ДПМНЕ Штип, Весна Ничева на денес одржаната прес конференција упати барање до градоначалникот Благој Бочварски за преразгледување на одлука за отказ на вработена во Општина Штип, алудирајќи дека станува збор за партиски реваншизам.

-И покрај тоа што од страна на градоначалникот се ветуваше дека нема да има отпуштање од Општина Штип како резултат на партиски реваншизам, се покажа спротивното. Во текот на вчерашниот ден, поради партиски пресметки, спакувани во незаконски изречени мерки, спроведени во време на корона криза, пред почеток на школска година, на родител на две малолетни деца, дисциплинска комисија од општина Штип, донесе одлука за отказ од работно место. Како жени и мајки апелираме да се преиспита донесената одлука, а воедно го повикуваме се` уште актуелниот градоначалник, во рамки на своите надлежности да ја преиспита одлуката на дисциплинската комисија и својот мандат да го заокружи со исполнување на дадените ветувања – дека нема да има отпуштања на вработени од Општина Штип – истакна Весна Ничева претседателка на УЖ на ОК ВМРО-ДПМНЕ ШТИП.

Од кабинетот на градоначалникот истакнаа, дека надлежен за овој случај е Секретарот на општината, Соња Китанова. Иако таа потенцираше дека нема да коментира партиски прес конференции сепак, за информација на штипската јавност, истакна дека откако до неа пристигнало барање за поведување дисциплинска постапка за злоупотреба на боледување на лице вработено во општинската администрација, во законски предвидениот рок формирала дисциплинска комисија со обврска за спроведување на постапката.

-Дисциплинската комисија одржа расправа на 24 август, сега во понеделникот и ја спроведе постапката како што е предвидено во Законот за административни службеници и вработени во јавниот сектор. Се` уште до мене нема дојдено записник од комисијата за да се произнесам како секретар. Дали е виновно лицето, или не е виновно, односно, виновноста на лицето против кое се води постапка ја утврдува со тајно гласање дисциплинската комисија. Јас ќе го прочитам записникот, ќе видам што ми препорачува комисијата, доколку комисијата со мнозинство гласови донела одлука дека лицето е виновно, и дека треба да се преземе некоја од наведените мерки од Законот, тогаш јас како секретар ќе донесам решение. Пред тоа не можам да коментирам што ќе се случи. – дознаваме од Секретарот на општината, Соња Китанова.

Ова не е прв ваков случај во Општина Штип рече Китанова. Пред една година имало слична постапка против друг вработен во општината. Тој случај завршил на суд.

Доколку и сега се донесе одлука за отказно решение, она што би следувало прво е жалба од вработената до Министерство за информатичко општество и администрација, а потоа судска постапка, дознаваме од Китанова.

БИЛЈАНА ПОСТОЛОВА / МНет.мк

Снимател ГОРАН ХРИСТОВСКИ

Монтажа ВИКТОР МИХАЈЛОВСКИ