Попишани над половина милион граѓани со Попис 2021

За девет дена од Попис 2021 попишани 618.120 лица, 191.839 домаќинства и 257.099 станови, информираше ДЗС со последните податоци заклучно со вчера до 20:00 часот. Можноста за попишување во странство ја искористиле 192.827 лица.

Пописот започна на 5 септември, а веќе помина скоро една третина од планираното време на одвивање. Попишани се повеќе од половина милион граѓани, што е околу 26% од оние 1,9 милиони граѓани кои ги предвидува директорот на ДЗС, Апостол Симовски, а за кои рече дека сепак, нема да шпекулира, туку ќе почека да се добијат официјалните податоци по завршувањето на пописот. 

Пописот засега е во нормален тек, со исклучок на повремените технички проблеми при попишувањето, кои беа надминати. Официјалната веб – страница сè уште не е достапна во одредени моменти, но од ДЗС велат дека причина се постојаните напади.

„Во исто време, би сакале да ја информираме јавноста дека  во последниве денови, веб-страниците на Државниот завод за статистика се под постојани напади и затоа во одредени периоди не се достапни поради заштитите што се користат за спречување на овие напади. Страниците се со највисоко ниво на безбедност, а податоците се заштитени на повеќе нивоа по највисоките ИТ стандарди.

Апелираме до јавноста да има разбирање за овие технички проблеми кои се вообичаени кога станува збор за масовни операции со користење на напредни технологии и повторуваме дека процесот на попишување е во рамки на планираното и очекуваното и тој ќе биде целосно, успешно и крајно професионално завршен до 30 септември.“ – додаваат од ДЗС.

Ребека Спасова МНет