
Утре – последниот ден од „Попис 2021“. Заклучно со вчера, попишани се 1.760.194 граѓани, 546.080 домаќинства и 789.406 станови. Можноста за попишување во странство, заклучно со 7:30 часот утринава, ја искористиле 201.247 лица. Од Државниот завод за статистика напоменаа дека истиот се одвива непречено, дури и со засилено темпо во последните три дена.
„Во последните три дена од Пописот на населението, домаќинствата и становите, пописните активности на терен се одвиваат непречено и во одредени пописни реони со зголемен интензитет. Помалите пописни реони низ државата веќе завршуваат со попишување на населението и се прават последни завршни проверки.
Во одредени урбани средини интензитетот на попишување се зголемува, се вклучуваат дополнителни попишувачи, сè со цел да може да се посети секое домаќинство и никој да не биде пропуштен.
Државниот завод за статистика со сиот расположлив потенцијал работи непрекинато и според утврдените рокови предвидени во Законот за Попис.“ – додадоа од ДЗС.
Сепак, првиот човек на Заводот, Апостол Симовски, истакна дека иако немаат побарано, добро би им дошло продолжување од неколку дена. Причината за пролонгирањето на рокот се постојаните хакерски напади, но ова првично би требало да биде поднесено како предлог до Собрание од Владата или група пратеници. Претседателот на Собранието, Талат Џафери, порача дека нема пречка за свикување итна седница, но само ако ваков предлог биде поднесен до Собрание. Симовски на ваквата можност гледа позитивно со оглед на тоа што би придонела за успешно комплетирање на списокот на попишани граѓани. Меѓутоа, одлуката би за пролонгирање би требало да биде донесена во текот на овие два дена, имајќи предвид дека пописот завршува утре.
Ребека Спасова МНет