Поништен скандалозниот меч меѓу Кожуф и Башкими!

Комисијата за натпревари на ФФМ, на седницата одржана на ден 16.05.2025 година, донесе одлука со која го поништи натпреварот од 28. коло од Втора МФЛ помеѓу Кожуф и Башкими, одигран на 06.05.2025 година во Гевгелија.

Натпреварот го евидентира како одигран, бодовите од натпреварот не се доделуваат на ниту една екипа, постигнатите голови не се евидентираат и не влегуваат во евиденција на дадени голови на фудбалерите.

Комисијата, имајќи го предвид Правилникот за натпреварување, но и етичкиот аспект на случајот, со цел заштита на интегритетот на натпреварувањето и зачувување на угледот на фудбалот како спорт, ја донесе оваа одлука со која се настојува да се избегне какво било легитимирање на неспортски и неетички дејствија, кои се спротивни на вредностите на Фудбалската федерација на Македонија.

Дисциплинската комисија на ФФМ по пријава на Дисциплинскиот инспектор поведе дисциплински постапки за недозволено влијание на исход и тек на натпревар по член 72 – Наговарање против:

Пепи Ѓоргиев – спортски директор на ФК Кожуф;

Славчо Ѓеоргиевски – шеф на стручен штаб на ФК Кожуф;

Од Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) истакнаа дека случајот не е затворен. Одделот за безбедност и интегритет продолжува со активна проверка на сите релевантни аспекти поврзани со натпреварот, поради основано сомнение за нарушување на интегритетот на натпреварот.

Отворена постапка се води и за: Б.К. – ФК Кожуф, Б.Д.  – ФК Кожуф, Ј.П. – ФК Кожуф, К.С. – ФК Кожуф, Н.С. – ФК Кожуф;