Познати полуфиналните двојки во Купот: Охрид против Силекс, Шкендија Арачиново на мегдан со Шкендија

Шкендија од Тетово е последниот патник во полуфиналето во Купот на Македонија, откако вчера во градот на поезијата преку пенали ја исфрли Струга Трим Лум и се пласираше во полуфиналето каде закажа соочување со второлигашот Шкендија од Арачиново.

Во регуларниот дел резултатот беше 2:2 откако тимот од Тетово со гол во судиското надополнување стигна до пенал-серијата, а во која Шкендија беше подобра од бела точка.

Поранешниот освојувач на Купот на Македонија и актуелен шампион на Македонија ќе ги одмери силите со второлигашот Шкендија Арачиново, откако овој тим направи историски успех пласирајќи се по првпат во полуфиналето на националниот Куп.

Во второто полуфинално соочување второлигашот Охрид ќе го предизвикува прволигашот Силекс. „Рибарите“ исто така испишаа клупска историја пласирајќи се по првпат во полуфиналето од Купот на Македонија, а за место во големото финале ќе треба да бидат подобри од кратовскиот прволигаш.

Повеќе од јасно ќе биде дека прволигаши ќе ги носат улогите на фаворити на полуфиналните соочувања, а второлигашите нема што да загубат, веќе направија клупски успех, а сега без притисок може да се надеваат на уште една успешна клупска приказна.

Освојувачот на Купот на Македонија обезбедува излез во Европа, односно игра во квалификациите за Конференциската лига на УЕФА.

Александар Ванев, М-Нет