Пожар во МЕПСО, се запалиле електричните кабли

Попладнево избувна пожар во околината на с. Чардаклија. Во операторот за електропреносен систем МЕПСО дошло до запалување на електричните кабли поради високите температури. Пожарот бргу се разгорел поради околната сува трева и потребно било да се интервенира со три тима пожарникари.

„По дојава од страна на граѓанин, денес околу 14:00 часот сме известени дека има пожар кај централата на МЕПСО, каде што од каблите доаѓа до запалување на околната сува трева. На лице место веднаш излеговме со три екипи, односно три противпожарни возила и седум пожарникара. Моментално имаме само една екипа таму којашто врши догаснување на пожарот. Односно, пожарот е веќе ставен под контрола и нашата екипа само го догаснува“, изјави Тони Атанасов, командир на ТППЕ Штип.

Пожарот е ставен под контрола и засега нема опасност за проширување на истиот.

Инаку, ова е веќе четврта интервенција на ТППЕ Штип од утринава. Преобемната работа на пожарникарите се должи на околностите со високите температури.

Утринава избувнал пожар на депонијата, каде се самозапалил багер. Потоа, пак, екипите имале и интервенција на спасување маче од покрив.

Како што вели командирот Атанасов, екипите на ТППЕ Штип поради тоа постојано се на терен и зафатени со активности.

Лаура Стојанова МНет