Во иднина нападот врз новинар ќе се третира како напад врз службено лице

На 92. Владина седница, со измените и допoлнувањата на Кривичниот законик се предлагаат членови со кои во иднина нападот врз новинар, снимател или фоторепортер ќе се третира исто како напад врз службено лице.

„Со очекуваните измени на Кривичниот законик за новинарите се предвидуваат конкретни новини со кои во нашата држава значително се зголемува безбедноста на новинарите, но и на сите медиумски работници, односно снимателите и фото репортерите. Во иднина нападот врз нив ќе се третира исто како напад врз службено лице. Воведуваме строги казни и за закана за напад врз новинари. Дополнително, во иднина обвинителството ќе постапува по службена должност при вакви случаи. Ова беше едно големо барање на здруженијата на новинари, чии претставници активно учествуваа во работната група која ги подготвуваше измените на Кривичниот законик. Со овие измени ставаме крај на можноста за едни минати пракси на неказнивост за насилството врз новинарите“, рече Министерот за правда, Бојан Маричиќ, на денешната прес-конференција.

Владатa покажува нулта толеранција за каков било обид за загрозување на слободата на говорот и изразувањето. Маричиќ ги повика и останатите институции како што се Јавното обвинителство и Судовите да постапуваат максимално ажурно и професионално во слуачај на напад врз медиумските работници.

„Дополнително на Владината седница ќе поминат и измените на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, каде што има значително намалување на сумата којашто ќе ја плаќаат новнарите или, пак, медиумите ако изгубат спор за клевета или навреда пред суд. Конкретно, новинарите во иднина ќе плаќаат максимални 400 евра оштета за клевета и навреда за разлика од досегашното законско решение, кога оваа сума изнесуваше 2000 евра“, додаде Маричиќ.

За уредниците надоместокот за штета во иднина не смее да биде поголем од 2 илјади евра, а истиот сега е десет илјади евра. Маричиќ посочи дека се прави пет пати намалување на оштетата за новинарите и уредниците. Со ова се покажува вистинската улога на медиумите и новинарите во општеството и тие ќе ја имаат максималната потребна заштита.

Лаура Стојанова МНет