Пожарите во кочанско пресудни за сточарите, нема пасишта за нивниот добиток, надлежните на терен

Речиси две недели по страшните пожари кои ја зафатија нашата дршава, особено Источниот дел, како и огромните штети од истите, на терен денеска во село Тркање, кочанско, беа претставници од Јавното претпријатие за стопанисување со пасишта. На лице место од опожарените предели се разгледуваше штетата, но и начинот како истата да биде поправена и што е можно побрзо земјоделците да имаат каде да го пасат својот добиток.

„Се наоѓаме сега на лице место во село Тркање и од самото место гледаме дека има доста изгорени пасишта, нискостеблести дрвја, многу сува трева, затоа заедно со Владата сакаме да ги обновиме, да ги вратиме пасиштата во нормала за да можат сточарите повторно да го напасуваат својот добиток, односно стока, како што било и досега“, рече Виолета Илиевска, заменик директор на ЈП за стопанисување со пасишта.

Од ова претпријатие истакнаа дека во меѓувреме продолжуваат и понатаму на терен, односно во наредните недели се во делчевскиот, беровскиот и пехчевскиот регион, како и на останатите опожарени места ширум државата. Откако ќе се направи проценка колку е опожарено, ќе се преземаат дополнителни активности.

„Планираме да формираме стручна екипа – експерти и во секое пасиште истата ќе оди на терен таму каде што има потреба. Планираме да посееме трева и на тој начин да ги обновиме пасиштата“, додаде Илиевска.

За сточарите ситуацијава е страшна. Велат дека не се знае како ќе се надмине проблемот, бидејќи нема каде да го пасат добитокот, па и тие малку сточари кои одгледуваат овци истите се приморани да ги продадат.

„Сточар сум со 400 овци. Изгорено е сè и сега има проблем. Проблемот е тоа што нема каде да пасат. Храна нема доволно, храната е подготвена за зима, а сега овие два – три месеца не знам што ќе се прави. Барам од државата ако може некако да излезе во пресрет, да помогне нешто. Со храна може или, пак, со финансии храна ќе купиме. Овие три месеца е голем проблем, не знам што ќе се прави“, вели Илија Стојков, сточар.

Првични информации од лице место во село Тркање зборуваат дека потребно е да се засади нова трева, а за останатите предели од Истокот дополнително ќе се разгледува штетата.

Лаура Стојанова МНет