
Во свечена и емотивна атмосфера во Домот на културата во Штип, детската градинка Детска градинка „Вера Циривири Трена“ го прослави големиот јубилеј – 60 години постоење и посветена грижа за најмладите генерации.
Под мотото „Под сонцето на Македонија – 60 години детство“, децата од големите групи од сите пет објекти на градинката приредија богата културно-уметничка програма исполнета со песна, игра, емоции и искрени детски насмевки. Настапите предизвикаа силни аплаузи и гордост кај присутните родители, воспитувачи и гости, кои заедно беа дел од прославата на едно значајно поглавје од штипската образовна и воспитна традиција.

Јубилејот беше повеќе од обична свеченост – тој претставуваше симбол на шест децении љубов, грижа и воспитување на генерации деца кои своите први чекори ги направиле токму во оваа градинка.
Во чест на народната хероина Вера Циривири Трена, чие име гордо го носи установата, градинката и понатаму останува место каде што се негуваат вистинските вредности – традицијата, хуманоста, заедништвото и љубовта кон татковината.
Шеесет години под истото сонце – со детска радост, топлина и надеж за иднината.
