
Рок од 60 дена има економскиот оператор за да ги постави подземните контејнери во Штип. Откако заврши тендерската постапка, Општината ќе го потпише договорот со најповолниот понудувач и тој ќе ги постави подземните контејнери на две локации. Едната е на улицата „Тошо Арсов“, а другата на улицата „Кирил и Методиј“. Секретарот на Општина Штип, Вишна Шорова-Ангелова, вели дека за 60 дена откако ќе започнат градежните активности, Штип ќе ги има првите подземни контејнери.
„Општина Штип веќе е во фаза на потпишување договор со најповолниот економски оператор којшто ќе ги изведува подземните контејнери во општина Штип. Се работи за подземни контејнери коишто ќе бидат поставени на две локации во градот, едната е на улицата „Кирил и Методиј“, а другата е на улицата „Тошо Арсов“. Овие подземни контејнери внатре во себе ќе содржат четири садови за отпад со капацитет од по 1 м3 и истите ќе овозможат да добиеме поубав изглед на централното градско подрачје и, се разбира, заштита на животната средина“, вели Шорова-Ангелова.
Општината заедно со Јавното претпријатие „Исар“ и Комуналниот инспекторат работи и на подигање на свеста за селекција на отпадот. Подземните контејнери во Штип, вели Шорова-Ангелова, ќе придонесат и во оваа насока зашто секој сад ќе биде со соодветна намена, според која, пак, треба да водат и на тој начин да го одлагаат отпадот.
„Поради тоа што подземните контејнери ќе бидат составени од четири единици, се надеваме дека граѓаните од централното градско подрачје веќе ќе можат слободно да вршат селекција на отпадот во зависност од видот на отпад којшто го исфрлаат од нивните домови или, пак, компаниите од нивните простории каде што функционираат“, додава Шорова-Ангелова.
Поставувањето подземни контејнери е проект кој е добро оценет од страна на граѓаните, на претходнонаправени анкети тој котираше високо на листата на потреби на штипјани. На тој начин, според нив, ќе се подобрат изгледот на Штип и хигиената во градот.
Ребека Спасова М-Нет