
Дефект на водоводната мрежа викендов без вода ги остави жителите од улицата „Борис Кидриќ“ во Штип. Екипите на ЈП „Исар“ работеа 40 часа непрестано за да го стабилизираат водоснабдувањето, што значеше сериозна потрошувачка на човечки и материјални ресурси, и сето тоа поради стара водоводна линија, која веќе не се ни произведува.
„Во текот на викендот се соочивме со дефект на улицата „Борис Кидриќ“, односно дефект на застарена водоводна целулитна линија, којашто повеќе и не се произведува, Ф100. Теренот за работа беше екстремно лош, бидејќи над таа линија имаме уште една „пвц“ линија, со што се отежнаа условите за работа. Нашите екипи од Водовод и канализација работеа без престан 40 часа за да може да се реши дефектот. Во моментов водоснабдувањето е стабилизирано и се надеваме дека ќе остане така, но сакам да напоменам дека наш приоритет и цел во наредниот приоритет ќе биде да се заменат сите оние критични места со застарени водоводни мрежи, коишто се постари од 50 години и данокот го земаат токму сега“, истакна Здравков.
Иако постојано се работи, очигледно Штип сѐ уште ќе се соочува со прекини во водоснабдувањето поради старите дотраени линии, особено на неколку критични точки. Директорот Здравков вели дека на оваа проблематика се работело во текот на целата година, а промена на мрежата се предвидува и во програмата за следната година.
„Ние оваа година заменивме над 5 километри водоводна и канализациона мрежа, којашто беше критична. Моментално ја изготвуваме програмата за 2023 година, во којашто ќе бидат вклучени сите оние критични места со застарени водоводни линии, над 50 години, и систематски во текот на наредната година ќе ги замениме детално сите до една“, додава Здравков.
Мета на дефекти често е и главната водоводна линија. Поради оваа причина, само во месец ноември одредено време без вода беа жителите од повеќе населби и улици, како улиците „Маршал Тито“ и „Христијан Карпош“ во централното градско подрачје, населбите Железничка, Три Чешми и други. За целосно решавање на овој проблем локалната власт најави распишување референдум за искористување на парите од самопридонесот.
Ребека Спасова М-Нет