Успешен трет обид – прифатена одлуката за покачување на цената на геотермална вода во Кочани

Геотермалната вода во Кочани ќе се продава по повисока цена. На денешната седница на Советот на Општина Кочани, се усвои предлогот на управниот одбор на КЈП Водовод Кочани, цената на геотермалната вода да се покачи за 28,08 денари за кубен метар или за нешто повеќе од 83%. Градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов истакна дека ваквата цена е реална за исплатливо функционирање на јавното претпријатие.

“Се работи за еден потенцијал од Бога даден на Општина Кочани и сметам дека треба да бидеме сите одговорни во делот на овозможување на услови за реално и економски исплатливо функционирање и на едната и на другата страна, зборува на страната на КЈП Водовод кое стопанисува и на страната на корисниците кои ги користат количините на топла вода како енергенс за загревање на своите комплекси“ – кажа Папазов.

Папазов истакна дека КЈП Водовод Кочани веќе потпишало пред договори со 14 комплекси кои се подготвени да ја користат геотермалната вода како енергенс за загревање и по повиока цена. Додава дека со досегашната цена на геотермалната вода претпријатие не можело нормално да функционира.

“Во меѓувреме КЈП Водовод склучи договори со 14 потенцијални корисници на овие геотермални ресурси. Тие беа подготвени и на претходно предложената цена да ја користат геотермалната вода. Се работи за одреден број кои не се подготвени , веројатно тие ќе побараат свои алтернативни извори за снабдување со топлина за да ги загреваат своите комплекси“ – додаде Папазов.

Во претходните две барања за покачување на цената на геотермалната вода три оранжериски компании изјавија дека се откажуваат од користење на оваа вода како енергенс за затополување. Инаку, минатата година биле испорачани 467 илјади кубни метри геотермална вода и е остварен приход од 15,8 милиони денари.Овој енергенс го користат и две основни училишта и кочанската гимназија.

Лаура Стојанова М-Нет