Победа и Јане Николоски спогодбено се разделија, кој ќе седне на тренерското столче во Прилеп?

ФОТО: Александар Ванев | Телевизија М Нет

Седмата рунда од Втората македонска фудбалска лига донесе нова тренерска промена, откако прилепскиот второлигаш Победа и тренерот Јане Николоски спогодбено се разделија.

Николоски ја водеше Победа во турболентен период со кој се соочува поранешниот прволигаш, откако минатата сезона преку бараж успеа да се спаси и да го избори опстанокот во Втората лига.

Како што веќе информираше М Нет телевизија управата на клубот преку соопштение информираше дека спогодбено се разделуваат со тренерот Николоски, при што му се заблагодарија за досегашната соработка.

„По взаемна согласност, клубот и тренерот Јане Николоски решија да го прекинат својот професионален ангажман. Клубот му се заблагодарува на Јане Николоски за неговата посветеност, труд и сите достигнувања што ги постигнавме заедно за време на неговиот мандат. Се надеваме дека ќе има успех во сите негови идни професионални потфати. Нашиот фокус сега е на избор на нов тренер кој ќе продолжи да го води тимот кон нови предизвици и успеси. Клубот останува посветен на својата цел да обезбеди најдобри услови за своите играчи и навивачи“, се вели во соопштението на ФК Победа.

Репрезентативната пауза ќе биде искористена за ангажман на нов тренер, кој пред себе ќе има сериозна задача, а пред се тоа ќе биде да се избори директниот опстанок во Втората лига, откако минатата сезона Победа го совлада шампионот на Трета лига – Север, Куманово со 2:1 и остана во Втората лига. Клубот веќе ги гледа солуциите околу тоа како да се пополни испразнетото тренерско столче.

Победа во моментот е на 14-тото место односно во бараж зоната со четири бодови на своето конто.

Откако испадна од Првата лига во сезона 2022/2023, минатата сезона Победа наместо да гради тим за враќање во Првата лига играше бараж за опстанок во Втората лига, а како што тргнало проблем ќе има и во тековната сезона ако многу работи не се променат, за што новиот тренер ќе има сериозен предизвик.

После репрезентативната пауза Победа ќе игра со Вардар Неготино во гости.

Александар Ванев, М-Нет