
По 27 години во Богданци одново ќе се гледа второлигашки фудбал, откако во баражот екипата на Вардарски, која е шампион во Трета лига – Исток со 3:2 славеше над Кораб од Дебар, шампионот на Трета лига – Југозапад.
Вардарски е екипа која една сезона се натпреваруваше и во Првата македонска фудбалска лига, во првата сезона од независна Македонија односно 92/93.
Богданци го сака фудбалот, а повеќе од јасно ќе биде дека од месец август кога ќе започне новата сезона, Градскиот стадион во Богданци одново ќе се полни до последното столче како во старите добри времиња, кога нивниот миленик настапуваше и во фудбалската елита на Македонија.
Борец по една година експресно се врати во Втората лига, откако велешката фудбалска гордост преку пресврт со 2:3 славеше над шампионот во Трета лига – Запад, екипата на Влазерими од Кичево. Борец кој заврши како прв во Трета лига – Југ по една година се врати во второлигашкото друштво, откако минатата сезона со два бодови на своето конто испадна од Втората лига, откако претходно испадна од Првата лига.
Велешани од август одново ќе гледаат второлигашки фудбал, со надеж дека нивниот миленик ќе се врати и во елитата.
Победа останува во Втората лига, младите играчи на прилепската фудбалска гордост уште еднаш потврдија и покажаа дека со срце на терен со љубов и без финансии може да се изборат за опстанок во Втората лига, тимот на Победа кој е составен од младинци и кадети со 2:1 славеше над шампионот во Трета лига – Север, екипата на Куманово, во бараж меч кој можевте да го следите на телевизија М Нет.
Тоа значи дека во новата сезона имаме две нови екипи, покрај Победа која останува во Втората лига, Борец по една година се врати и Вардарски по 27 години се враќа во Втората македонска фудбалска лига.
Александар Ванев, М-Нет