
Исчистено ѓубрето на Плоштадот „Слобода“ во Штип, кое во текот на вчерашниот ден остана несобрано. Остатоци од картонски кутии, облека и дел од донациите кои изминативе денови беа собирани за помош на настраданите во земјотресот во Турција и Сирија беа оставени на Штипскиот плоштад. Граѓаните реагираа на социјалните мрежи за ова несовесно оставање отпад зад себе, но просторот беше исчистен утринава од страна на екипите на комуналното јавно претпријатие „Исар“. Од таму велат дека Плоштадот ќе се чисти и во текот на следните денови.
„По завршувањето на хуманитарната акција од страна на хуманитарни здруженија, ЈП „Исар“ излезе на терен, ги собра отпадоците од Градскиот плоштад, целосно го исчисти истиот и во текот на утрешниот ден со покачувањето на дневните температури, треба целосно да го измиеме Плоштадот“, вели Димитар Белиќ, ЈП „Исар“ – Штип.
Изминатава недела на Плоштадот имаше повеќе организирани акции за помош на настраданите. Пункт отвори Студентската организација на Медицинскиот факултет во Штип, кој го опслужуваа десетина македонски студенти заедно со нивните колеги од Турција, а на кој за само еден ден беа собрани над еден тон конзервирана храна и флаширани пијалоци и десетици илјади денари. Пункт отвори и турската заедница во соработка со Општина Штип.
Ребека Спасова М-Нет