
Пингпонкарскиот клуб Шампион ФА од Штип ја освои титулата во женска конкуренција, каде штипскиот клуб бележеше големи резултати во сезона со силна конкуреција. Искусната Амелија Уце Николов во изјава за М Нет телевизија вели дека имало многу емоции бидејќи тешко се избориле за овој голем успех.
Искусната пинпонгарка се натпреварува и во машка конкуренција потенцирајќи дека најсериозен предизвик се финансиите.
„Имаше многу емоции, бидејќи многу тешко се изборивме го победивме финалето 4-3, многу беше напорно и затоа сме пресреќни. Моментално Шампион ФА нема многу помагатели еден апел до сите фирми, сите кои што може да му помогнат на клубот. Ни помага општината и Министерството за спорт, но не е доволно, секогаш може повеќе за да има поголеми успеси. Мене поинтересно ми е да играм во машката екипа има многу посилни мечеви“, вели Николов.
Сашо Богатинов кој е селектор на македонската репрезентација истакна дека се многу задоволни од постигнатите резултат и од освоената титула.
„Со освојувањето на шампионската титула во женскта конкуренција предводени од Амелија Уце Николов, Сара Стојановска, Мила Штркова, Дора Кралева, докажуваме дека Шампион ФА секогаш ќе остане на врвот во Македонија. Расадник на млади деца и мораме да се пофалиме како некој регионален центар на млади таленти. Ќе продолжиме со вакво темпо со помош од федерацијата. Машката екипа на неколку кола до крајот го очекуваме нашиот противник во Ф4 дали тоа ќе биде Младост 96 или тимот на Крива Паланка и ќе се бориме за титулата“, вели Богатинов.
Клубот има поддршка од општината и градоначалникот Иван Јорданов, но најголем предизвик за клубот остануваат финансиите, а целта во иднина ќе биде со поддршка од локалната самоуправа да се обезбеди и сопствена сала.
„Како резултат на нашите долгогодишни успеси и ваучерскиот систем за финансирање на клубовите добиваме некои финансиски средства благодарение и на локалната самоуправа и градоначалникот Иван Јорданов, комисијата за спорт, ни обезбедија некои средства брз база на нашата програма, што секако не ни се доволни, но ние се бориме да понатаму продолжиме да создаваме млади таленти. Условите се тие какви што се, се надеваме дека во иднина ќе направиме и сопствена пинг-понг сала за која локалната самоуправа и градоначалникот се запознаени, каде што постојано 24 часа тој спортски центар ќе работи“, дополнува Богатинов.
Како што вели Богатинов во градот постои интерес за овој спорт кај младите, а фокусот е на развој и на младинските категории.
„Интересот е се поголем, дечињата од петтата – шесттата година почнуваат да работат основни вежби за пингпонг препознавање на реквизити, работење на моторика. Веќе во деветтата – десеттата година да почнат со првите резултати. Имаме наши играчи кои живеат во Германија и тренираат таму“, дополни Богатинов.
Шампион ФА од Штип во женска конкурнеција има две титули, а во машка конкуренција има една титула, со тоа што беше четири пати и вицешампион, за што и претседателот на клубот Зоран Штрков е задоволен од тоа како клубот се развива и напредува.
Александар Ванев, М-Нет