
Пионерките на ракометниот клуб Астибо од Штип обезбедија „фајнл-фор“ каде ќе разигруваат за шампионската титула во пионерската женска ракометна лига на Македонија.
Ракометарките предводени од Марија Анчева имаа тотална доминација во тековната сезона завршувајќи на првото место во пионерската лига група Б, каде имаа учинок од најмногу победи вкупно 14, едно реми и само еден пораз, а притоа ракометарките на штипскиот клуб постигнаа и најмногу погодоци вкупно 375 гола, а ја имаат втората најдобра одбрана со примени 214 погодоци.
Со освоени 29 бодови Астибо повеќе од заслужено го освои првото место во пионерската лига група Б, а штипскиот клуб заврши пред големи имиња во македонскиот ракомет како Металруг кој е втор и Вардар кој заврши како трет.
Пионерките на Астибо испишаа историја и откако во двомечот славеа над Јехона од Гостивар и така го заверија местото на „фајнал-форот“, каде ќе разигруваат за титула.
Астибо со 16:17 славеше на првиот меч против Јехона, а пак на вториот меч Астибо со 22:10 ја декласираше Јехона и така ракометарките на Марија Анчева сега се на „фајнл-фор“.
Ова за Астибо е уште еден огромен успех за тоа како правилно се работи за младите ракометни таленти, а тимот ќе има светла иднина со оглед на тоа дека има голем потенција во младинските категории.
На „фајнл-форот“ покрај Астибо од групата Б место обезбеди и Металург, а од групата А на пионерската лига во „фанјл-форот“ патуваат екипите на Ѓорче Петров и Струга.
Ова сезона Астибо со сениорскиот тим испиша историја пласирајќи се во плеј-офот на женската Суперлига, а сега е испиша уште една историја и со пионерките со можност истата да биде збогатена и со титула.
Александар Ванев, М-Нет