
Вчера е испуштена прочистена техничка вода од кочанската фабрика „Пејпер мил“ која во својот состав има нештетен калциум карбонат, односно воден каменец кој дава бела боја на истечната вода. Ова се спороведе во рамки на пробниот период на работење на оваа фабрика.
Постојаните испитувања од лабораторијата на фабриката покажаа вредности кои се целосно безбедни за здравјето и за природната средина. Во соопштението испратено до медиумите од фабриката информираат дека не им се предвидени други емисии на вода од фабриката.
„Пејпер Мил информира дека во рамки на пробниот период на прилагодување и унапредување на процесите за рециклирање и производство на хартија не се предвидени други емисии на вода од фабриката. Пејпер Мил потсетува дека по завршувањето на двете фази на имплементацијата на прочистителна станица во последниот квартал од минатата година, емисијата на технички води беше значително под дозволените граници и безбедна за околината, што беше утврдено и со мерењата и инспекциите на надлежните институции. “ стоеше во нивното соопштение.
Дополнително, по започнување со целосно оперативно работење Пејпер Мил ќе ја започне и последната фаза за завршување на прочистителната станица за отпадни води, инвестиција во износ од 300.000 евра, која е тесно поврзана со работењето на фабриката заради извршување на потребните тестирања и набавки на потребната опрема.
За утврдување на квалитетот и обемот на евентуалните емисии, Пејпер Мил останува отворен за соработка со сите институции. Исто така од кочанската фабрика за рециклирање хартија ја информираат јавноста дека по поставувањето на вреќестиот филтер досегашните интерни мерења во рамки на пробното работење укажуваат на значително намалување на емисиите во воздухот и влијанието на животната средина, со што во целост се исполнуваат гаранциите на производителот на опремата за трикратно помали емисии од дозволените. По петнаесет-дневниот пробен период на работење и по одобрувањето на акредитираната светска лабораторија од страна на надлежните институции ќе се изврши официјално мерење.
На почетокот на април по поставувањето на вреќестиот филтер Пејпер Мил започна со пробна работа, како основа за рестартирањето на фабриката, по времениот прекин на производството во времетраење од повеќе од два месеци.
Лаура Стојанова М-Нет