
Пехарите за најдобрите во основното и средното образование отидоа во рацете на екипите од ООУ „Ванчо Прке“ и Гимназијата „Славчо Стојменски“, штипјани беа сведоци на традиционалната ноќна трка која се одржа во предвечерието на Денот на ослободувањето на градот. Кај основците, половина од медалите заминаа кај учесници од ООУ „Ванчо Прке“, а меѓу првите три места на трката се најдоа и учесници од останатите четири училишта. Кај средношколците, пак, шест од вкупно 12 медали заминаа во рацете на ученици од училиштето „Јане Сандански“, пет кај гимназијалците и еден кај ученик од СОУ „Коле Нехтенин“. Градоначалникот, Иван Јорданов, во оваа прилика истакна дека младите пренесуваат порака на нова надеж.
„Традиционално се одржува ноќната трка во град Штип, пред одбележувањето на Денот на ослободувањето – 8 Ноември. Испраќаме една симболична порака, младите коишто се учесници на оваа трка испраќаат порака на нова надеж, борејќи се да создадат своја иднина, да останат во овој град, на тој начин да го развиваме да го надоградуваме и да создадеме едни подобри услови со коишто сите ќе се гордееме“, порача Јорданов.
Од возрасните, пак, два медали заминаа кај девојките од Армијата, а три им беа доделени на студенти на Универзитетот „Гоце Делчев“. Шест медали се доделија и за ученици во Центарот за специјално образование „Искра“ како посебна екипа.
Инаку, ноќната трка се одржува со децении, а се состои од 8 до 10 групи кои се поделени на машка и женска конкуренција. На трката можност за учество имаа ученици од 6 до 9 одделение од петте основни училишта и средношколците од четирите средни училишта, како и студените на УГД и припадниците на Армијата и Министерството за внатрешни работи.
Ребека Спасова М-Нет