
79 години слободен Штип, по овој повод Советот на Општина Штип ја одржа традиционалната свечена седница, овојпат во салата на Економскиот факултет. Добредојде на присутните им посака претседателката, Весна Кожинкова, која посочи дека се оддава слава на оние кои придонеле за слободата, а овој ден нѐ обединува како заедница.
„За време на Втората светска војна, Штип беше под директна контрола на бугарскиот фашистички окупатор, но со храброст и одлучност, македонските партизани и сите останати луѓе во борбата за слобода го ослободија Штип на 8 Ноември. Така, овој ден засекогаш влезе во македонската национална историја како светол датум во борбата против окупаторот. Штип во Народноослободителната војна даде исклучителен придонес“, рече Кожинкова.
Градоначалникот на Општина Штип, пак, се наврати на стремежите за реализација на визијата за поубав град. Посочи дека има уште поголема мотивација за успешно остварување на поставените цели, Штип да се развива како административен, универзитетски и културен центар.
„Изминатиот период секоја донесена одлука се базираше на добри анализи и, се разбира, консултации со крајните корисници – граѓаните на општина Штип, кои свесно и со посветеност се залагаат за колективните интереси на заедницата. Ова нѐ мотивираше со уште поголем интензитет и секој проект којшто ќе го реализираме во интерес на граѓаните да наиде на поддршка и поттик од секој жител на нашата општина. Годинава што полека се приближува кон својот крај ќе ја паметиме, главно, по позитивни настани со кои го подобривме квалитетот на живот во нашиот град“, истакна Јорданов.

На свечена седница традиционално беа доделени осмоноемвриските признанија со кои годинава се закитија десет граѓани и здруженија. Претседателката Кожинкова и градоначалникот Јорданов им ги врачија на д-р Светлана Кордумова-Трајанова, д-р Дарко Лазаров, д-р Андон Мајхошев, проф. Тоше Митров, прим. д-р Ванчо Органџиски, Далибор Николовски – Дачо, Бобан Данов, Здружение на акцијаши-волонтери „Пат на младоста“ – Штип, Јога друштво Штип – Центар за јога обука и Центар за балетска уметност „Арабеска“.
Ребека Спасова М-Нет