
Со завршување на веќе започнатите проекти во Карбинци ќе настапи кандидатот за градоначалник од редовите на СДСМ, Јордан Насев. Истовремено, нуди пет капитални проекти кои ќе се реализираат во наредните четири години.
„Тоа е изградба на брана „Баргала“, која, впрочем, е ставена и во изборната програма во 2020 година и усвоена од страна на централната Власт. Станува збор за брана која би зафатила околу осум милиони кубни метри вода, која што претежно би била вода за наводнување на дворните површини и на земјоделските површини за о. Карбинци и за о. Штип. Дополнително, друг капитален проект којшто би бил понуден на жителите на о. Карбинци е изградба на водоснабнителен систем за осум населени места, којшто деновиве веќе го и започнавме, односно еден дел започнавме“, истакна Насев.
Реконструкција на левиот канал од хидросистемот „Брегалница“ за наводнување на земјоделските површини , изградба на канализациони системи, како и изградба на училишна зграда во село Таринци се остатокот од капиталните проекти кои ги ветува Насев.
„Изградба на фекална канализација во с. Парналија и петтиот проект би бил и изградба на училишта зграда, дополнително уште безброј канализациони, патни проекти, инфраструктура, детски игралишта и сето тоа е сместено во програмата за претстојните избори“, додаде Насев.
За првиот проект, односно изградба на брана „Баргала“ се очекува поддршка од централната Власт, бидејќи станува збор за капитален проект за кој се потребни финансиски средства.
Ребека Спасова МНет