Петровец пресилен за Волково, Башкими со СЕДУМ гола го декласираше Раштак

Денес беше комплетирано 18. коло од Третата македонска фудбалска лига – Север, откако колото беше отворено вчера со дуелот помеѓу Фортуна и БВК Коњаре, меч кој заврши со триумф за гостите од 2:3.

Гостите преку пресврт го добија овој важен дуел на патот кон баражот за Втора лига, откако домашниот тим со голот на Мемеди имаше водство од 1:0. Во вториот дел Ристовски, Љика и Бакиевски погодија за комплетен пресврт и водство на БВК Коњаре од 1:3. Во финишот од мечот Мемедовски постигна гол и го ублажи поразот на 2:3.

ССК Нова и Еуромилк ГЛ го поделија „пленот“ играјќи 1:1 на теренот во Драчево. Арифи погоди за водство на гостите од 0:1, а Ангеловски стрелаше седум минути пдооцна за конечни 1:1.

Беса Влазрими на домашен терен беше поразена со 2:3 од екипата на Риниа 98. На полувреме гостите имаа водство од 0:1 со голот на Исмаили.

Во вториот дел Шабани израмни на 1:1 во 50. минута, а Јусифи четири минути подоцна го врати водство на 1:2. Веќе во 64. минута Саити ја зголеми предноста на 1:3, а пак Касуми десет минути подоцна погоди за 2:3 и ги постави конечните 2:3.

Петровец со убедливи 6:0 го декласираше Волково на домашен терен. Калач постигна хет-трик, Шутевски два пати ја тресеше мрежата на бледиот гостин, а Божинов беше стрелец на еден гол.

Куманово продолжува да „гази“ во пролетниот дел, откако денес на домашен терен со 4:2 беше убедлив против Башкими Љуботен.

Првиот дел во Доброшане заврши со резултат од 1:1. Јовановски погоди за 1:0 во 31. минута, а пак Хамити израмни на 1:1 во 44. минута. Во вторито дел Златковски стрелаше за ново водство за домашниот тим од 2:1 во 48. минута, а пак Аљоски брзо го израмни резултатот на 2:2.

Сепак, до крајот на мечот Куманово беше подобро организиран и тоа се потврди преку ново водство во 70. минута со втор гол на Златковски, а Томовски во 89. минута ги реши сите дилеми за трите бодови со гол за конечните 4:2.

Башкими уште еднаш покажа моќ и тотална доминација на теренот, откако со убедливи 0:7 го декласираше Раштак на гостински терен.

Егзон Азири постигна хет-трик за Башкими, а Биљали Хасан беше двоен стрелец, а по еден гол постигнаа Ељмедин Ќаили и Мергим Љутфиу.

Кадино и Маџари Солидарност ремизираа играјќи 1:1 и го поделија „пленот“. Мартин Стамболиев во 8. минута го отвори резултатот за водство од 0:1, а пред крајот на првиот дел Дамјан Крстевски погоди за конечни 1:1.

Илинден со 2:1 беше подобар на домашен терен од екипата на Аеродром. Домашниот тим на полувреме имаше водство од 2:0 со голот на Цаневски во 4. минута и Зафировски кој погоди во 44. минута. Во вториот дел Леонид Филиповски погоди за конечни 2:1.

  • ЦЕЛА ТАБЕЛА ОД ТРЕТА ЛИГА – СЕВЕР: