Пенов: За издавање општинска обврзница волја има, но во моментов нема додатни средства

Во последниот ребаланс немаше резервни средства заради покачувањето на платите, вели Министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов, во однос на издавањето општинска обврзница за Штип и останатите општини. За него тоа е покомплексен проблем и вели дека иако, можеби, изгледа едноставно, тоа е покомплексно државно задолжување.

„Се работи за државно задолжување, Општината бара, но државата се задолжува. Државата дали ќе зема меѓународни или домашни кредити, тоа исто така се решава во други рамки. Волја постои, но треба да се најде начинот. Во овој ребаланс што сега помина се покажа дека заради покачувањето на платите, додатни резервни средства немаше“, вели Пенов.

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, истакна дека земјава има најниско ниво на децентрализација и доколку сакаме да се интегрираме во ЕУ треба и степенот на децентрализација да биде повисок за да можат општините да генерираат развој. Во дел од општините, вели Јорданов, децентрализацијата е дискриминирачка и предизвикува проблем.

„Ако ние имаме цел да ги развиваме општините, тогаш мораме да разграничиме која Општина ќе добие степен на повисока децентрализација или повисок поврат на данок на додадена вредност од начинот како таа Општина го реализира Буџетот и го наплаќа данокот на имот. Ние имаме конкретни случаи во Македонија каде што фискалната децентрализација е дискриминирачка, затоа што процентот на наплата на данокот во Општина Штип е неколкукратно повисок од процентот во некоја друга Општина, но ние добиваме исто средства од државата“, истакна Јорданов.

Штипскиот градоначалник истакна дека токму затоа општините бараат критеруми по кои ќе се спроведува децентрализацијата и дали постои можност за промена на начинот на децентрализација, како и процентот на финансиските средства.

Ребека Спасова М-Нет